
Победата на студентската листа разбуди надеж во Брисел дека промената на власта би можела да ги покрене застоените европски интеграции на Србија, а соговорниците на Savremena politika сметаат дека Европската Унија би требало јасно да ја поддржи новата влада и реформите засновани на демократските вредности, борбата против корупцијата и владеењето на правото.
Професорот на Универзитетот во Грац и член на Советодавната група „Балканот во Европа“ (BiEPAG), Флоријан Бибер, оценува дека ЕУ треба да ѝ пружи техничка и финансиска помош на новата влада, но и да ѝ остави простор за делување, без наметнување тешки надворешнополитички одлуки, како што е воведувањето санкции за Русија.
Бибер смета дека брзата поддршка од ЕУ е неопходна за да се избегнат противудари и да се овозможи спроведување на реформите, како и дека новата влада не треба да се притиска веднаш да ги решава прашањата што предизвикуваат поделби, како што е Косово.
Тој ја критикуваше и досегашната политика на Европската комисија и на клучните држави членки, кои со години го поддржуваа и го одржуваа Вучиќ во лажна сигурност, пренесува Savremena politika.
Поранешниот директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, Пјер Мирел, оценува дека ЕУ предолго му попушташе на Вучиќ и дека не би било соодветно да се бараат брзи промени, бидејќи за разградување на нелибералниот систем е потребно време, како што покажува примерот со Унгарија.
Србија веќе пет години нема отворено ниту еден кластер во преговорите за членство со ЕУ и досега има добиено само претфинансирање и дел од првата транша од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, бидејќи ги нема спроведено повеќето од предвидените реформски чекори.
Соговорниците на Savremena politika сметаат дека примерот со Црна Гора, за која се очекува до крајот на оваа година да ги заврши пристапните преговори со ЕУ, би можел да понуди насоки за забрзување на европските интеграции на Србија.
Бибер оценува дека постојната преговарачка структура овозможува побрзо водење на преговорите, кои би можеле да послужат и за спроведување на внатрешните реформи. Како главни предизвици за Србија ги наведува усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и односите со Косово, за чие решавање е потребно време.