
Ако демократите остварат добар резултат на денешните избори за американскиот Конгрес, многу европски политичари би можеле да имаат причина за задоволство. Но таквиот исход не мора да значи подобри односи меѓу Европа и САД. Напротив, одредени искусни дипломати предупредуваат дека претседателот Доналд Трамп, соочен со спротивставувањето од Конгресот, би можен дополнително да го засили притисокот врз европските сојузници, пишува Politico.
Според неодамнешното истражување спроведено ширум Европската Унија, 58 проценти од испитаниците посакуваат победа на демократите, додека 18 проценти ги поддржуваат републиканците на Трамп. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека демократското мнозинство во Конгресот би можело да донесе нови судири меѓу Вашингтон и Брисел.
Волфганг Ишингер, искусен германски дипломат и поранешен претседател на Минхенската безбедносна конференција, смета дека Европејците не би требало да очекуваат попуштање на тензиите со Вашингтон.
„Би било грешка Европејците да претпостават дека трансатлантските односи ќе станат потопли. Претпоставувам дека ќе се случи токму спротивното“, изјави Ишингер за Politico.
Тој предупреди и дека европските политичари треба да избегнуваат јавно славење на евентуалниот републикански пораз, бидејќи тоа би можело дополнително да ги влоши односите со Белата куќа.
„Ќе има гласови овде во Европа, меѓу кои и важни, кои ќе сакаат да слават и да им честитаат на демократите, но мислам дека тоа би било отровно“, рече тој.
На европските лидери им советува воздржаност за да не ѝ дадат дополнителен повод на администрацијата на Трамп за судир.
Натали Точи, поранешна советничка на двајца високи претставници на ЕУ за надворешна политика, не е уверена дека европската воздржаност би променила било што.
„Всушност не мислам дека на Трамп му се потребни какви било причини или изговори за да се нафрли врз Европа“, изјави Точи.
Таа смета и дека на многу европски политичари би им било тешко да го сокријат задоволството поради евентуалниот пораз на движењето МАГА на Трамп, особено поради неговите врски со популистичките и крајно десничарските политичари во Европа.
Поразот на републиканците би можен да ги охрабри европските либерални и центристички партии, кои веќе ги поздравија изборните порази на Виктор Орбан во Унгарија и на Александар Вучиќ во Србија.
Сепак, Точи предупредува дека би било прерано да се заклучи дека популизмот ја изгубил својата сила. Марин Ле Пен и понатаму ужива голема поддршка во Франција, а германската Алтернатива за Германија последниве години оствари значителен раст.
Ишингер смета дека демократската победа би можела да ја ограничи слободата на дејствување на Трамп во внатрешната политика, но не нужно и во надворешните работи.
Доколку демократите преземат контрола врз Конгресот, би можеле да покренат истраги против претседателот, членовите на неговата администрација и лицата поврзани со неговото работење. Можни се и нови обиди за негово отповикување (импичмент).
Но токму таквите пречки, предупредува германскиот дипломат, би можеле да го поттикнат уште повеќе да се фокусира на надворешната политика и трговијата, каде што претседателот има широки овластувања.
„Мораме да се подготвиме не за похармонични трансатлантски односи, туку за повеќе судири и уште повеќе барања од Трамп кон Европа“, рече Ишингер.
На слично мислење е и Курт Волкер, поранешен американски амбасадор во НАТО. Тој смета дека дури ни демократското мнозинство во двата дома на Конгресот не би ја променило автоматски надворешната политика на администрацијата на Трамп.
„Не очекувајте големи промени од администрацијата на Трамп. Конгресот ќе истражува сè“, рече Волкер.
Според неговите зборови, предмет на истрага би можеле да станат Трамп и неговото семејство, нивните деловни интереси, Стив Виткоф, Џаред Кушнер, Илон Маск, министерот за одбрана Пит Хегсет и директорот на ФБИ, Каш Пател.
Волкер смета дека демократите би биле значително посклони да ѝ помогнат на Украина и да го засилат НАТО, но предупредува дека Конгресот не може едноставно да му нареди на претседателот како да ја спроведува надворешната политика.
„Демократите многу посилно ќе ги поддржуваат Украина и НАТО, но не можат да му наредат на Трамп што да прави“, рече тој.
Волкер предупредува и на можноста Трамп да продолжи да го оспорува трошењето на средствата кои ги одобрил Конгресот.
Станува збор за спорна правна практика со која администрацијата се обидува да ги задржи или да ги повлече веќе одобрените пари, потпирајќи се на постапки што можат да завршат на суд.
Според проценката на Волкер, Трамп би можел да продолжи да го одложува спроведувањето на одделни одлуки и да води правни спорови за да задржи што поголема контрола врз државната политика.
Кога станува збор за НАТО и можното намалување на американското воено присуство во Европа, Волкер смета дека Трамп сепак би можел да биде попретпазлив поради можните негативни реакции на американската јавност.
Неизвесна останува и неговата политика кон Иран, вклучително и можноста за нови воени операции или префрлање на дел од одговорноста за кризата врз Европа и азиските држави.
Бронвен Мадокс, директорка на британскиот институт Chatham House, смета дека Европа не би требало да очекува големи промени без оглед на исходот од денешните избори.
Според нејзините зборови, европските лидери би требало повеќе да се посветат на разбирањето на долгорочните промени во американската политика, наместо да очекуваат враќање кон некогашните односи.
„Американските гласачи двапати го избраа Трамп, а дури и ако сега му свртат грб, тие избори покажуваат дека се сè повеќе насочени кон сопствената земја“, рече Мадокс.
Таа смета дека Европа сè уште ја нема целосно сфатено мера во која движењето МАГА и промените внатре во американските политички партии ги изменија американските политики.
„Мислам дека Америка повеќе не се гледа себеси во Европа на начинот на кој тоа го правеше некогаш. Мене таа порака веќе долго време ми е јасна“, рече Мадокс.
Американците денеска избираат нов состав на Претставничкиот дом и дел од Сенатот. Републиканците моментно имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но анкетите укажуваат на можност демократите да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом.
Трката за Сенатот е понеизвесна, а исходот од изборите ќе одреди колкава слобода ќе има Трамп во спроведувањето на својата политика за време на последните две години од претседателскиот мандат.
Демократското мнозинство би можело да покренува парламентарни истраги, да ограничува одделни буџетски одлуки и да го отежнува потврдувањето на кандидатите на претседателот за важни државни функции.
Меѓутоа, Трамп и понатаму би го задржал правото на вето врз законите, како и значителните извршни овластувања во областа на надворешната политика, трговијата и националната безбедност.