
По вчерашниот протест на Независниот синдикат на професионални војници за еднаков третман и исправување на, како што велат, неправдата направена со законските измени за исплата на отпремнини, најголемата опозициска партија денеска најави дека ќе поднесе законско решение во Собранието со кое ќе бидат опфатени барањата на професионалните војници за еднакви права, повисоки плати и посигурни услови за работа и пензионирање. Од партијата велат дека ги поддржуваат барањата на припадниците на Армијата и сметаат дека не смее да има различен третман на војниците кои со години ја извршувале истата должност.
„Неправедно е поранешните припадници на Армијата кои заминале во пензија пред 14 февруари 2024 година да имаат значително помали отпремнини од оние кои се пензионирале по овој датум. По кој основ луѓето кои со години ѝ служеле на државата и ја извршувале истата должност да бидат различно вреднувани? Сите војници заслужуваат еднакви права и правичен третман од државата“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Од партијата ги поддржуваат и барањата за трансформација на работниот однос на професионалните војници на неопределено време по петтата година, како и за зголемување на нивните плати. Притоа, СДСМ обвинува дека во изминатите две години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, нема зголемување на платите во Армијата. Во соопштението потсетуваат дека за време на нивниот владин мандат платите на воениот персонал и цивилните лица во Армијата биле зголемени етапно за 15 проценти.
„СДСМ ќе поднесе законско решение во Собранието согласно барањата на професионалните војници – за обезбедување сигурност и достоинство на сите војници“, најавуваат од партијата.
Од СДСМ додаваат дека условите за работа и статусот на припадниците на Армијата треба континуирано да се подобруваат, посочувајќи го и членството на земјата во НАТО, обезбедено во 2020 година. Според партијата, силната одбрана бара задоволни и мотивирани војници, кои треба да имаат соодветни плати, сигурност и достоинствени услови за работа.