Од вчерашното невреме во Скопје, кога дуваше ветер со јачина од 130 километри на час и врнеше пороен дожд, оштетени се кровните конструкции на Клиничката болница во Штип и во Градската општа болница „8 Септември“. Според министерот за здравство, Сашо Клековски на скопските клиники имало паднати дрвја, но немало повредени граѓани, како и во психијатриската болница Бардовци, која повеќе часа ноќеска останала без струја, но дека и таму нема повредени.

Тој појасни дека скопските клиники и болницата „8 Септември“ се осигурени и дека по проценките на осигурителните компании за штетите ќе се преземат мерки за санација.

-Има значајни штети на кровната кострукција на Клиничката болница во Штип, но благодараение на брзата интервенција на директорот на болницата и на градоначалникот на Штип тие се санираат. Има штети на кровната конструкција на „8 Септмеври“, која е осигурана и осигурителните куќи работат на проценка на штетите, по што ќе се реагира да се обезбеди суво работење на двете болници. Освен од осигурителните компании, имаме и резервни фондови за интервенции, по проценка на штетеите од осигурителните компании ќе се пристапи кон обнова на кровните конструкции, изјави Клековски.

Тој рече дека од невремето на скопските клиники вчера бле примени 11 пациенти, а тројца се со потешки повреди.

Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, Небојша Настов, каде денес беше промовирано реновираното одделение за трауматологија, рече дека кај нив лекарска помош од невремето побарале 22 граѓани, од кои двајца со потешки повреди. Тој кажа дека еден од нив е опериран, а другиот кој е странски државјанин е задржан на опсервација.

Клиничката болница во Штип денеска ги извести сите болници и здравствени домови во источниот регион во наредните денови да не ги праќаат пациентите со скршеници или да ги транспортираат на штипското Одделение за ортопедија.

Е.Б.