Владата на канадскиот премиер Марк Карни веќе во среда би требало да претстави закон со кој на децата помлади од 16 години би можел да им се забрани пристапот до социјалните мрежи, како и да се воспостави ново регулаторно тело за дигитална безбедност. Се очекува предлог-законот, наречен Закон за дигитална безбедност, да опфати и мерки за ублажување на штетата предизвикана од сè поприсутните четботови со вештачка интелигенција, пишува Си-би-си.

Министерот за идентитет и култура, Марк Милер, кој ја предводи изработката на законот, пред седницата на владата накратко ја коментираше неопходноста од новите мерки. „Мислам дека е очигледно зошто ова е приоритет. Децата умираат“, им рече тој на новинарите. Милер и министерот за правда, Шон Фрејзер, одбија да ги потврдат деталите за законот пред неговото официјално претставување во Долниот дом на парламентот. „Доволно е да се каже дека ќе ги преземеме сите разумни мерки за да ја осигураме безбедноста на децата во нашата земја“, додаде Милер.

Министерот за правда Фрејзер ја отфрли загриженоста дека законот би можел да ја наруши слободата на говорот. „Не мора да се откажете од своите слободи за да осигурате дека луѓето можат безбедно да живеат во општеството“, изјави тој.

„Сè повеќе гледаме генерација млади кои со социјалните мрежи не се соочиле како возрасни, во текот на студиите или на почетокот на кариерата. Денес имаме деца кои им се изложени уште од четири или петгодишна возраст, а понекогаш и порано“, рече Фрејзер, додавајќи дека „на владите е да препознаат како општеството се менува и како технологијата напредува, да ги почитуваат правата на луѓето, но истовремено да преземаат чекори за решавање на современите предизвици“.

Овој предлог-закон следува по неуспешниот обид на претходната влада на премиерот Џастин Трудо, чиј закон за штетни онлајн содржини пропадна со распуштањето на парламентот на почетокот на 2025 година. Конзервативниот пратеник Кевин Во изјави дека чека да види што ќе претстави владата, но истакна дека поголема одговорност сносат родителите.

„Мораме да ги научиме родителите како да бидат родители“, рече тој. Законот се носи во момент кога неколку земји настојуваат да го ограничат пристапот на малолетниците до социјалните мрежи, а се очекува за оваа тема да се расправа и на претстојниот самит на Г7 во Франција.

Сè поголем број европски земји се обидуваат да го ограничат пристапот на малолетниците до социјалните мрежи поради растечката загриженост за влијанието на онлајн платформите врз менталното здравје на младите.

Австралија минатата година ја воведе, како што се смета, првата национална забрана за социјални мрежи за помлади од 16 години, која ги опфати платформите како Инстаграм, ТикТок и Снепчет. Се чини дека Канада, потпирајќи се на своите европски сојузници, со овој потег исто така сака да го обликува сопствениот пристап кон регулацијата на дигиталниот простор.