Хрватите во Хрватска секоја година се сè помалку на број, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во вторникот во Бански двори, каде што ги прими младите членови на хрватската дијаспора и ги повика да се вратат во татковината за да дадат свој придонес во демографската обнова на земјата.

„Би ни било драго доколку дел од вас одлучат да се вратат во Хрватска и со нов ентузијазам и енергија да дадат свој придонес во демографската обнова на Хрватска“, рече Пленковиќ за време на приемот на петтата генерација полазници на програмата на Летната школа „Татковина“ („Domovina“).

Велејќи дека Хрватска вложува околу 820 милиони евра годишно во демографска ревитализација, Пленковиќ го нарече ова прашање темелен и клучен проблем на хрватскиот народ во последните седумдесеттина години.

„Што значи дека секоја година нè има сè помалку“, појасни премиерот.

Во рамките на програмата на Централната канцеларија за Хрватите надвор од Хрватска и Здружението на хрватско-американски стручњаци (АЦАП), припадниците на хрватското иселеништво на возраст меѓу 18 и 30 години во текот на две недели, од 1 до 13 јуни, имаат можност директно да се запознаат со природното, културното и историското наследство на Хрватска.

Дел од градовите што ќе ги посетат полазниците на програмата се Дубровник, Задар, Сињ, Сплит, Вараждин, Вуковар и Загреб.

Пленковиќ им порача дека нивната програма е богата и дека „за две недели ќе видат повеќе отколку многу Хрвати кои цел живот живеат во Хрватска“. Тој изрази желба овие две недели да им бидат поттик за враќање, а можеби и за останување во Хрватска.

Програмата од 2019 година успешно ги поврзува хрватските заедници ширум светот, а се спроведува со цел зајакнување на хрватскиот идентитет и свеста за припадност на хрватското иселеништво кон едниот и неделив хрватски народ, како и за поттикнување на глобалното вмрежување на Хрватите и на културната и научната соработка на Хрватска со младите генерации нејзини иселеници.

Премиерот им се заблагодари на полазниците за нивниот интерес за татковината, но и на нивните предци кои во „помалку структурирани услови“ успеале да ги зачуваат своите корени и врски со Хрватска.