„Има ли срам Валбон Лимани градоначалникот на Гостивар кој вели дека не чувствува никаква морална одговорност за скандалот со водата“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ по вчерашната изјава на градоначалникот.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски го прашува Лимани со кое лице излегува пред неговите сограѓани и без срам и образ и вели дека тој не е одговорен за грешките на луѓето кои тој ги има назначено да ги водат општинските претпријатија.

-За разлика од Валбон Лимани, Љупчо Папазов, од Кочани по пожарот во Пулс веднаш поднесе оставка од функцијата градоначалник, и заедно со двајца негови претходници беше во притвор за приватен објект.

Зошто сега нема осуда и барање на одговорност од страна на СДС, ДУИ и Таравари? Дали мислат дека затоа што е нивен кандидат треба да го штитат? Или пак сметаат дека како во времето на Филипче кога за модуларната виновен беше кабелот, сега треба да биде виновна пумпата, праша пратеникот.

Морална одговорност од градоначалникот и сите кои имале каква било улога во случувањата во Гостивар, бара премиерот Христијан Мицкоски обвинувајќи дека локалната власт е летаргична и нејзината улога морала да ја преземе Владата. Информираше дека во изминатите денови се преземени сите активности за заштита на граѓаните, дополнителни 60.000 литри вода за потреба на гостиварци биле испратени во текот на денот.

Од „Бикаќка“ нови обвинувања. Властите 5 дена однапред знаеле за труењето во Гостивар и не преземале ништо, велат социјалдемократите кои побараа оставка од министерот за здравство Клековски, оти како што велат дозволил состојбата да ескалира.

Според СДСМ надзорот утврдил дека во главниот цевковод била поставена дивоградена пумпа, без никакво одобрение, преку која директно се вбризгувала вода од реката Вардар во водоводниот систем. Премиерот пак најави дека детално ќе се испитува реконструкцијата на водоводната мрежа во градот.