Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска обвини дека случајот со водата во Гостивар се користи од страна на Венко Филипче и актуелното раководство на СДСМ за политички цели и собирање, како што рече, „евтини политички поени“.

На прес-конференција во партиското седиште, Петрушевски упати критики до опозициската партија, обвинувајќи ја за манипулација со информации и создавање паника меѓу граѓаните.

Како пример за ваквото однесување, тој го посочи тврдењето на СДСМ дека водата во велешкото село Сливник била неисправна, при што нагласи дека според него бил презентиран стар и нерелевантен извештај.

„Добронамерно ги советуваме да се освестат, да престанат да шират лаги и паника и да се погледнат себеси. Тие се локална власт во Гостивар. Власт се СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари во Гостивар. Ако навистина им се важни граѓаните, нека го повикаат градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, кој е нивен кадар, да одговара и да преземе одговорност“, изјави Петрушевски.

Според него, наместо тоа, опозицијата молчи и го штити својот политички соработник, кој, како што обвини, има одговорност за состојбата со водоснабдувањето во Гостивар.

Петрушевски оцени дека партиските интереси не смеат да бидат над здравјето на граѓаните, додавајќи дека централната власт, за разлика од локалните власти, реагирала навремено и презела активности за заштита на населението.

The post Петрушевски: Наместо лаги, опозицијата да побара одговорност од локалната власт во Гостивар appeared first on Скопско ЕХО.