
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска на прес-конференција ја обвини опозициската СДСМ дека во изминатите две години шири паника и создава недоверба кај граѓаните кон институциите преку, како што тврди, пласирање невистини и дезинформации. Според него, раководството на СДСМ, предводено од Венко Филипче, се обидува да создаде негативна слика за состојбите во државата поради внатрешните проблеми во партијата.
„Челниците на СДС веќе ја преминаа границата. Единствено што прават изминативе две години е ширење на паника меѓу граѓаните, обид за создавање недоверба кон институциите, како и хистерија и хаос во општеството. Поради внатрешни проблеми во партијата, Филипче ги лаже граѓаните и пробува да создава перцепција во јавноста дека работата не оди на добро“, изјави Петрушевски.
Како примери за тврдењата на опозицијата што, според него, не се оствариле, Петрушевски ги посочи најавите за доаѓање мигранти од Обединетото Кралство, наводната суспензија на ИПАРД-програмата, оценките за извештајот на известувачот на Европскиот парламент Томас Вајц, како и тврдењата дека пензиите нема да бидат исплатени. Тој оцени дека овие наводи биле демантирани од последователните случувања, посочувајќи дека ИПАРД-програмата продолжила да функционира, земјоделците ги добиле средствата, а пензиите биле исплаќани, со зголемување од над 7.500 денари во изминатите две години.
„Ширеа хистерија и за унгарскиот кредит, со кој општините добиваа пари за нови училишта, градинки, болници и патишта, а компаниите поволни кредити за своите бизниси. Државниот завод за ревизија јасно констатираше дека нема малверзации со овој кредит, а унгарски функционери потврдија дека станува збор за ултра поволни услови“, рече Петрушевски, додавајќи дека СДСМ не презела одговорност ниту се извинила за тврдењата што, според него, биле демантирани.
Петрушевски оцени дека ваквото постапување на функционерите на СДСМ може да претставува кривично дело саботажа, повикувајќи се на член 315 од Кривичниот законик, за кој наведе дека предвидува затворска казна од најмалку три години за предизвикување штета на правно лице. Тој побара од Јавното обвинителство да отвори предмет по допрен глас и да постапи по изнесените наводи.