Пратеничката Славјанка Петровска, која беше и министер за одбрана во владата на СДСМ, вели дека законот за обезбедување на критичната инфраструктура, кој го предлага пратеничката група на Левица, се уште не го видела, бидејќи не е доставен во Собранието. Таа за „Локално“ изјави дека доколку Министерството за одбрана го предложеше и беше изгласан предлог-законот за критичната инфраструктура кој бил подготвен во нејзиниот мандат случајот со загадувањето на водоводот во Гостивар немаше да се случи, бидејќи институциите надлежни за обезбедување на критичната инфраструктура ќе преземеле претходно мерки.

Претникот на Левица, Амар Мециновиќ претходно на прес конференција најави дека нивната пратеничка група ќе достави до Собранието закон за критичната инфраструктура, со кој ќе се предложи Армијата да биде ангажирана на заштита и обезбедување на критичната инфраструктура во државата, во која спаѓаат и водоводните системи. Според него, Владата досега ништо не презела во тој дел, а од управувањето со водоводните системи во земјата, каде во повеќе градови има загадување на водата за пиење е недозволиво.

Петровска за „Локално“ изјави дека смета дека тврдењето дека војската отсега ќе ја чува критичната инфраструктура може да биде проблематично при реализацијата.

-Министерството за одбрана во 2021 година почна постпка за донесување на законот за критична инфраструктура и кој требаше да го дефинира обемот на критичната инфраструктура, областите кои ќе ги опфаќа тој закон и постапките и процедурите што ќе ги опфаќа тој закон, односно како ќе се одвива заштитата на таа критична инфраструктура. Во текот на 2022 и 2023 година беа оддржани консултативни процеси и преку јавна расправа, со побарано мислење во НАТО кај стартешките партнери и во рамки на државните институции во државата. По сите тие прибавени мислења и сугестии предлог законот се оформи и беше проследен до Владата за понатамошна постапка. Заради изборите постапката беше запрена. Но, и две години после тоа, за жал, Законот се уште не е доставен во Собранието, изјави Петровска.

Таа појасни дека лани поставила писмено пратеничко прашање до Министерството за одбрана бидејќи забележала дека во програмата за работа на Владата за 2025 година рокот за донесување на овој закон бил пролонгиран од пролетта 2025 за септември 2025 година.

-Прашав зошто е пролонгиран имајќи ја предвид исклучителната важност на самиот закон и геополитичкото опкружување и безбедносните ризици со кои секоја држава се соочува. Тогаш добив одговор дека забележани се одредени пропусти, без при тоа да се објасни кои се тие пропусти и дека предлог законот е на доработка. Помина година и неколку месеци од тој одговор, за жал, се уште во Собранието го немаме добиено тој закон, чиј овластен предлагач е Министерството за одбрана, изјави Петровска.

Таа појасни дека со промените на граничното управување кои настанаа лани војската веќе не ги обезбедува границите на државата, туку тоа е задача на полицијата, но дека во случаи на кризни состојби армијата повторно се ангажира. Потсети на кризната состојба на јужната и северната граница,, која беше предизвикана од протокот на мигранти од мигрантската криза во 2015 година, како и кога со посебен акт војската беше ангажирана при кризната состојба во затворот Идризово.

-Согласно законските прописи претседателката на државата, како врховна командантка со свој акт одредува, врз основа на претходна проценка, каде и во колкав број Армијата ќе биде искористена или ангажиарана. За нејзина редовна употреба во Законот за армијата е дефинирано кои се надлежностите и каде може да биде ангажирана. Во евентуална имплементација на овој закон за критична инфраструктура многу јасно треба да се предвиди каде и како  ќе биде ангажирана армијата во критичната инфраструктура, изјави Петровска.

Со сегашните законски прописи, како што појаснува Петровска, претседателката не може своеволно да даде наредба за обезбедување на кој било објект.

-Постои процедура треба да се направи прво проценка од групата за управување во рамки на Центарот за управување со кризи, потоа Управувачкиот комитет и во случаи кога има индиции на терен кои укажуваат на потреба од користење на Армијата. Тоа е сложен процес за кој треба да има историјат. Но, ако овој закон беше донесен пред една или две години, постапката за донесување на подзаконските акти кои се уште поважни, бидејќи предвидуваат посложени ситуации, тогаш оваа состојба немаше да се случи. Тоа значеше дека сите институции кои се дел од обезбедување на оваа критична инфраструктура ќе треба во период на имплементацја на законот ќе требаа да презематт мерки за заштита на критичната инфраструктура – во случајот водоводот, изјави Петровска.

Таа додава дека во законот кој претходно бил изготвен треба да се има предвид дека во критична инфраструктура не станува збор само за објекти кои се во државна соспственост.

-Тоа е премногу широк поим и опфаќаат и објекти кои се дел на приватни субјекти, а по овој закон ќе мора да постапуваат. Така што само со тврдењето дека војската отсега ќе ја чува критичната инфраструктура сметам дека тоа при реализација може да биде проблематично и заради законските процедури, но и надлежностите кои ги има Армијата, изјави Петровска

Таа смета дека Армијата и со постоечките прописи и акти во исклучителни ситуации може да биде ангажирана. Сепак додава, тоа долгорочно постојано во континуитет не го решава прашањето за обезбедување на критичната инфраструктура.

-Она што се разгледуваше како опција е да се формира национално тело или државна агенција во која ќе бидат ангажирани војниците кои навршуваат возраст од 45 години и кои ќе одберат да не користат отпреминина, дали ќе биде да работат во пожарната, дали во затворската полиција, дали ќе сакаат да бидат дел од таа агенција, тие да бидат прераспределени во агенцијата, изјави Петровска.

Таа додава дека овие војници кои би преминале во оваа агенција формално правно веќе нема да бидат дел од Армијата.

-Никако немаше предлог дека војска ќе стои постојано до водоводните системи и ќе ги обезбедува. Концептот за развој на македонската Армија беше апсолутно да не вложуваме толку многу средства и финансии и обука на човечките ресурси да се користат само како обезбедување. Тие се обучуваат и ќе се обучуваат согласно плановите за развој на македонската Армија во многу посложени операции, изјави Петровска.

Е.Б.