
Европската Унија би требало да ја разгледа можноста за ограничување на дел од правото на глас на идните членки на блокот и да создаде повеќе заштитни механизми за владеењето на правото, напишаа пет земји членки на ЕУ во заеднички документ во кој Ројтерс имал увид вчера.
Додека Црна Гора се надева дека ќе ѝ се приклучи на Унијата во 2028 година, а Албанија, Украина и Молдавија настојуваат да напредуваат во своите кандидатури, европските влади разговараат за тоа дали е потребна промена на правилата за новите земји членки. Некои влади се залагаат ЕУ да развие посилни заштитни механизми за идните членки, што делумно е поттикнато од демократското назадување во Унгарија под водство на премиерот Виктор Орбан, пишува Ројтерс.
Заедничкиот документ на Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург предлага вклучување опции во идните пристапни договори, вклучително и нов механизам за надзор и заштитна клаузула која би овозможила преземање мерки во случај на сериозно назадување во областите како што се демократијата и слободата на медиумите.
„ЕУ би требало да поведе длабинска расправа за можноста за привремени, преодни ограничувања на правото на глас за новите држави членки, а особено за прашањата каде што е потребно едногласие“, напишаа петте земји, истакнувајќи ги политиката за проширување, надворешната политика и буџетот како области во кои во моментов е потребна согласност од сите членки.
Кипар, кој во моментов претседава со ЕУ, минатата недела соопшти дека почнал да се подготвува за официјално отворање на преговорите за првиот кластер поглавја, кои се однесуваат на владеењето на правото и демократските стандарди, со Украина и Молдавија.
„На Украина ѝ е местото во ЕУ. Сите шест кластери треба да се отворат без одлагање. НАТО мора да остане на маса како најсилно безбедносно гаранција“, напиша естонскиот премиер Кристен Михал на социјалната платформа „Х“, по вчерашната средба во Талин со украинскиот претседател Володимир Зеленски.