Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја обвини Европската Унија дека погрешно го проценува начинот на кој би требало да ги води преговорите со Русија, порачувајќи дека обидите за разговори „од позиција на сила“ претставуваат најголема грешка на европските влади.

Песков тврди и дека Москва останува отворена за дијалог, но без ултиматуми и, како што вели тој, „морализирање“.

На редовниот брифинг во Москва, Песков вчера ги коментираше односите со Европската Унија и можноста за обнова на преговорите, пренесува руската државна новинска агенција ТАСС.

„Европјаните имаат една многу голема заблуда – сметаат дека со Русија треба да се преговара од позиција на сила“, рече Песков.

Тој додаде дека европските влади погрешно веруваат оти можат да преговараат со Москва тргнувајќи од претпоставката дека Русија е ослабена, пренесува Кијив Пост (Kyiv Post).

„Тоа е нивната најголема грешка, без разлика дали произлегува од нивната неспособност, дезинформираност или глупост“, порача портпаролот на Кремљ.

И покрај острата критика кон Брисел, Песков изјави дека Русија не ги затворила вратите за преговори.

„Не бевме ние иницијаторите за целосен прекин на тие контакти“, рече тој.

Тој нагласи дека за продолжување на дијалогот се потребни „здрав разум“ и уважување на, како што рече, „реалноста на теренот“. Повтори и дека рускиот претседател Владимир Путин „повеќе пати“ ја истакнувал подготвеноста на Москва за разговори, но исклучиво без ултиматуми и покровителски пристап од страна на Европската Унија.

Истовремено, Путин досега отфрли или исмеа повеќе предлози за мировни преговори, вклучувајќи го и отвореното писмо на украинскиот претседател Володимир Зеленски со повик за директна средба, како и предлогот за средба за време на самитот на групата Г7 во Франција, за кој Кремљ тврдеше дека не добил официјална покана.

Песков се осврна и на сè помасовните украински напади со беспилотни летала врз Москва.

Украина во четвртокот го изведе, како што тврди, еден од најголемите напади со дронови врз руската престолнина досега, гаѓајќи ја клучната инфраструктура во Москва и околината. Руските власти објавија дека пресретнале 194 беспилотни летала во областа на главниот град.

Нападите продолжија и во петокот, втор ден по ред, а според руските тврдења, во текот на ноќта кон Москва и околниот регион биле лансирани околу 200 дронови.

„Киевскиот режим продолжува по тој пат, кој не е усогласен со преговорите“, рече Песков, додавајќи дека Русија презема „соодветни мерки“ како одговор на нападите.

Во ноќта меѓу неделата и понеделникот, Украинците на Московската област лансираа повеќе од 400 дронови, при што 85 од нив беа соборени за време на приближувањето кон главниот град, изјави градоначалникот на руската престолнина, Сергеј Собјанин.

Наводно биле погодени складиште за нафта и логистички центар, известија руските канали на Телеграм.