
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија останува подготвена за мировни преговори за Украина, реагирајќи на изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио дека за решавање на судирот се потребни нови предлози и идеи.
Тој додаде дека Русија на фронтот бележи, како што наведе, „позитивна динамика“.
Марко Рубио претходно изјави дека за решавање на украинската криза се потребни нови предлози, оценувајќи дека претходните иницијативи не биле прифатливи за Украина и дека не се ниту денес.
Рубио на маргините на министерскиот состанок на АСЕАН во Манила изјави дека Вашингтон ќе биде подготвен да представи нови идеи кога за тоа ќе дојде соодветниот момент.
Песков исто така оцени дека е прерано да се зборува за забрзување на процесот за решавање на украинскиот судир, и покрај продолжувањето на контактите меѓу Москва и Вашингтон.
„Не би бил претерано оптимистичен. Добро е што контактите продолжуваат, но во овој момент нема основа да зборуваме за нов замав или забрзување на процесот“, изјави тој.
Според неговите зборови, дијалогот со американската страна продолжува преку постојните работни канали, а Москва очекува разговорите да продолжат и лице в лице кога американските преговарачи ќе бидат во можност да допатуваат во Русија.