Поранешните професионални војници денеска излегоа на протест пред Владата, барајќи еднаков третман и исправување на, како што велат, неправдата направена со законските измени за исплата на отпремнини. Со транспарентите „Не бараме милостина, бараме еднаквост“ и „613 ветерани не бараат виновници, бараат државата да ја исправи неправдата“, тие го изразија незадоволството од големите разлики во висината на отпремнините за војниците кои заминале во пензија пред и по 14 февруари 2024 година.

„Од оваа страна на сликата сме ние пензионираните војници пред 14 февруари 2024 година, а од друга страна се оние кои се пензионирале после тоа. Погледнете ги разликите во сумите. Пример, ако некој генерал тогаш земал три илјади евра како отпремнина, сега таа сума изнесува дваесет и пет илјади евра“, изјави Видан Кипријановски од Координативното тело на пензионирани припадници на Армијата.

Поддршка за протестот изрази и претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој порача дека солидарноста е важна и дека секој протест има своја причина. „Денеска во солидарност бевме на протест, затоа што секој заслужува поддршка, а секој протест е или една причина или еден изговор повеќе. Организирани и сложни работници креираат иднина“, објави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, испраќајќи порака заедно со синдикалистот Иван Пешевски и до останатите да се вклучат во поддршката. „Ние двајца можеме и сами, а сами можеме колку? Но што чекаат другите… Секој почнува од себе и ако сам не сакаш да си помогнеш, на кој чекаш да ти помогне тебе“, порача тој.

Фото: Фејсбук/Независен синдикат на професионални војници СО Скопје

Покрај барањата на пензионираните војници за еднаква исплата на отпремнините, од Независниот синдикат на професионални војници бараат и подобрување на статусот на активните припадници на Армијата, односно вработување на неопределено време и зголемување на платите. „Поднесовме закон во Собранието следните седум години да нема нови вработувања. Со тоа би се заштедиле од 10 до 12 милиони евра во буџетот на Министерството за одбрана, со што ќе се обесштетат поранешните пензионирани војници. Освен тоа, и сегашните професионални војници ќе добијат договор на неопределено време и право на пензија“, изјави Александар Насковски од Независниот синдикат на професионални војници.

Од Министерството за одбрана, пак, објаснуваат дека барањата за ретроактивна исплата на повисоки отпремнини, согласно законските измени, се спротивни на законот. Незадоволните пензионирани професионални војници најавија дека доколку не се најде решение за нивните барања, протестите ќе ги радикализираат и ќе ги прошират во повеќе градови низ државата.