
Зголемувањето на пензиите за 50 отсто во текот на еден четиригодишен мандат е технички и економски остварливо, оценуваат дел од пензионерите и експертите кои ја следат оваа област. Според нивните пресметки, ваквиот раст би значел просечно годишно зголемување од околу 10 отсто, што, како што велат, не е нереално во услови на повисока инфлација и зголемени трошоци за живот.
Пензионерите посочуваат дека клучен предуслов за повисоки пензии е растот на платите, економската активност и продуктивноста во државата. Според нив, пензискиот систем е директно поврзан со придонесите што се издвојуваат од платите, па затоа нивниот раст мора да биде стабилен и континуиран.
„Доколку постои објективна и субјективна желба, можно е зголемување на пензиите за 50 отсто во рок од четири години. Со раст на економијата и бруто-домашниот производ, како и со зголемување на инвестициите, се создаваат поголеми приходи кои можат да се искористат за раст на платите и пензиите. Тоа би било зголемување од над 10 отсто на годишно ниво, што не е премногу“, изјави за „Локално“ Миле Андоновски, поранешен потпретседател на Партијата на пензионери.
Сепак, според неговите објаснувања и ставовите на дел од пензионерските здруженија, за одржлив раст на пензиите е неопходно паралелно да растат и платите, и тоа со стапка од околу 15 отсто годишно.

Фото: Јутјуб/Принтскрин
„Платите мора да растат повеќе од пензиите затоа што тие создаваат додадена вредност. Ако платите не пораснат доволно, не можат да пораснат ниту пензиите. Самото усогласување на пензиите, кое се врши двапати годишно – во март и септември, не е доволно со оглед на зголемените трошоци за живот и инфлацијата, која достигна околу пет отсто. Во моментов најниската пензија во државата изнесува 20.500 денари“, вели Андоновски.
Од Здружението на пензионери за достоен живот, пак, сметаат дека најавата на СДСМ за зголемување на пензиите за 50 отсто е политички маркетинг и тешко остварливо ветување.
„Зголемување на пензиите за 50 отсто не е реално остварливо. Ако тоа било возможно, зошто СДСМ не ги зголеми пензиите за 50 отсто кога беше на власт? Ние не сакаме празни ветувања, туку реални бројки. Нема да дозволиме ниту една партија да манипулира со пензионерите. Доволно се изнаслушавме ветувања во изминатите години. Ќе продолжиме да се бориме за правата на пензионерите и нема да бидеме партиски определени“, вели за „Локално“ член на Здружението.
Потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска, неодамна изјави дека цените на производите растат од месец во месец, храната станува сè потешко достапна, а платите не успеваат да го следат поскапувањето. Според неа, покрај растот на платите, неопходно е и зголемување на пензиите за да се обезбеди достоинствен живот за повозрасните граѓани.
„Затоа предвидуваме зголемување на пензиите до 50 отсто во еден мандат“, порача Тренчевска при претставувањето на програмата на партијата.
Во јавноста, сепак, останува отворено прашањето дали ваквата цел може да се реализира без значително забрзување на економскиот раст, зголемување на вработеноста и поголем прилив на средства во пензискиот фонд.
Б.С.