„Денешниот прес на ВМРО – ДМПНЕ пред градежен објект во изградба во Скопје е потврда за политичката дезориентираност на таа партија која дневно фабрикува афери со темпо кое не е видено од независноста до денес“, се вели во реакцијата на екс-шефот на државата, Стево Пендаровски за денешните изјави од најголемата владејачка партија упатени кон него.

Пендаровски во својата реакција додава:

„Независно од небулозите кои беа прочитани за некаква моја наводна финансиска и деловна поврзаност со објект кој го гради лице кое пред 7
години било именувано од мене како тогашен претседател на државата, сакам да го изјавам следново:

Под целосна морална, материјална и кривична одговорност тврдам дека ниту некогаш сум имал, ниту денес имам било каква деловна поврзаност со било кое лице кое согласно моите уставни и законски надлежности сум го именувал во рамките на мојот претседателски мандат. Тоа е, инаку, многу лесно проверливо од страна на институциите кои се тотално под контрола на владејачката партија, се разбира, ако тоа сакаат да го направат.

Следејќи ја истата “логика”, очекувам партијата уште денес да одржи прес-конференција пред Белата палата и да го праша својот лидер дали евентуално бил бизнис – партнер со својот бодигард кој беше уапсен под сомнение дека за 50.000 евра наводно оддавал службени тајни.

Се разбира, таквата первертирана методологија за денунцирање на луѓето може да се примени и во цела серија други криминални афери каде што во јавноста се спомнуваат лица директно именувани од Мицкоски или пак негови најблиски соработници, но, за тоа потоа. Прво, портпаролот на партијата нека ја оддржи прес -конференцијата која му ја предложив. Според денешниот настап, „аргументите“ веќе ги поседува“, се вели во ставот на Пендаровски.

„Зад мене, во Влае се гради станбена зграда во која како инвеститор се посочува Афродита Муслиу, сопруга на поранешниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу, кој е инаку близок соработник на Пендаровски, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски во изјава од лице место.

„Тука се поставува прашањето на кое јавноста заслужува одговори, а тоа е како со административна плата се стигнува до инвеститор на станбена зграда? Од каде се парите за оваа инвестиција? Дали семејните приходи на Муслиу можат да ја оправдаат вредноста на ваков градежен проект? Дали зад оваа инвестиција стојат и други финансиски партнери. Тука има уште едно име кое мора да даде одговор, а тоа е Стево Пендаровски“, кажа портпаролот на најголемата владејачка партија.

Токму Пендаровски го назначи Еролд Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање во 2019 година, потсети Манасиевски.

„Затоа директно прашуваме, дали е точно дека Стево Пендаровски и Еролд Муслиу, покрај политичката и институционална соработка која ја имаат, имаат и заеднички деловни интереси? Дали Пендаровски има каква било финансиска или деловна поврзаност со оваа инвестиција во Влае“, порачаа од „Белата палата“.