Новоизбраниот претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, Методија Пасков, преку видео-обраќање се заблагодари за укажаната доверба од претседателот на партијата Христијан Мицкоски и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека функцијата ја прифаќа со голема чест, но и со чувство на огромна одговорност.

Пасков упати благодарност и до сопартијците, пријателите, поддржувачите и сограѓаните со кои, како што посочи, активно придонесуваат за развојот на Струмица и за напредокот на Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ продолжува да чекори храбро, одлучно и обединето. Нашата сила отсекогаш е во единството, во работата и во блискоста со народот“, истакна Пасков.

Тој најави дека од денес започнува нова етапа на уште посилна комуникација со граѓаните и уште поголема посветеност на нивните потреби.

Според него, неговото работење ќе се темели на принципите на единство и работа, нагласувајќи дека само обединети можат да се постигнат поставените цели, а резултатите доаѓаат преку чесна, посветена и организирана работа.

„Имаме јасна програма и визија за функционирањето. Заедно ќе продолжиме да градиме доверба, да создаваме резултати и да работиме во интерес на секој граѓанин“, порача новиот претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струмица.

Пасков своето обраќање го заврши со порака за единство, одговорност и посветеност кон Струмица и Македонија.

The post Пасков: ВМРО-ДПМНЕ во Струмица започнува нова етапа на уште посилна комуникација со граѓаните appeared first on Radio StrumicaNet.