Ерменскиот премиер Никол Пашинијан рано утринава прогласи победа на парламентарните избори, откако резултатите од нешто повеќе од една петтина од гласачките места покажаа дека неговата партија има околу 54 отсто од гласовите. Ерменската изборна комисија ќе ги објави прелиминарните резултати во текот на денешниот ден.

На прес-конференција Пашинијан изјави дека неговата партија „Граѓански договор“ победила и тоа го нарече „историска победа“, пренесува агенцијата Ројтерс.

До моментот кога Пашинијан го објави ова, Ерменската изборна комисија ги објави првичните резултати од околу 21 отсто од гласачките места.

Вчерашните избори се први во Ерменија по големиот воен пораз од Азербејџан во 2023 година и се сметаат за тест за напорите на премиерот Пашинијан да ги продлабочи врските со Западот и да обезбеди мировен договор со Азербејџан по повеќегодишните судири и политички превирања.

Првичните резултати покажуваат дека „Граѓански договор“ добил 54,5 отсто од гласовите, а прорускиот сојуз „Силна Ерменија“ е на второто место со 21,9 отсто од гласовите. „Ерменскиот сојуз“ е трет со околу 8,7 отсто од гласовите, а партијата „Просперитетна Ерменија“ е четврта со околу пет отсто од гласовите.

Одзивот во земјата со три милиони жители изнесуваше речиси 59 отсто.

Ерменскиот парламент има 101 место, а пратениците се избираат со мандат од пет години. Притоа, партиите мора да го преминат цензусот од четири отсто за да влезат во Собранието, додека за коалициите со три или повеќе партии цензусот изнесува осум отсто.