
Од Партијата на пензионери велат дека се непријатно изненадени од најавеното зголемување на цените на банкарските услуги од страна на две од најголемите банки во државата. Според партијата, изненадувањето е уште поголемо затоа што некои банки во регионот овие цени ги намалија, а во некои земји, како Хрватска, за основните банкарски услуги пензионерите и другите ранливи категории на граѓани не плаќаат провизии за овие услуги.
-Пензионерите се во шок затоа што во колку еден пензионер основните сметки ги плаќа на шалтер, годишно на банките ќе им плаќа околу 100 евра што ќе преставува страшен удар врз буџетот на пензионерите што имаат мали пензии. Или пак четиричлено семејство, доколку се сите полнолетни само за водење на трансакциска сметка и за електро банкарство треба да плаќа минимално 200 до 250 евра годишно што е значајна сума за граѓаните со просечни плати и пензии, стои во нивната реакцијата.
Партијата на пензионери апелира до гувернерот на Народна банка да преземе одредени мерки во рамките на своите надлежности како би овие банки одустанале од овие непопуларни намери.
-Партијата на пензионери ги предупредува банките дека постојано ќе ги прати цените на банкарските услуги и ќе апелира кај пензионерите своите сметки да ги отвораат или променат во банките чиишто провизии се најниски, велат од партијата.
Од први август граѓаните ќе плаќаат повисоки провизии за дел од банкарските услуги. Ако досега одредена трансакција чинела 90 денари, таа сега ќе изнесува 120 денари, што претставува зголемување од над 30 отсто.
Зголемувањето на надоместоците веќе го најавија две од најголемите банки во земјава, при што најголем удар ќе почувствуваат граѓаните кои не користат дигитално банкарство. Особено погодени ќе бидат пензионерите и повозрасната популација, кои почесто ги извршуваат уплатите на шалтер.
Според новите тарифници, поскапувања има и кај пакетите за пензионери, каде месечните надоместоци се зголемуваат од 20 на 25 денари за основните, односно од 30 на 35 денари за повисоките пакети. Дополнително, се зголемува и надоместокот за девизни сметки, кој од сега ќе изнесува 35 денари месечно по валута, наместо досегашните 30 денари.