
Партијата на пензионерите изрази длабока и искрена загриженост поради хаосот со Алта Банка АД Битола, откако илјадници пензионери останаа со блокирани пензии и заштеди. Во соопштението партијата соопшти дека со голема вознемиреност ја следи состојбата во која граѓаните се соочуваат со неизвесност откако нивните средства останаа заглавени во банката.
Од партијата велат дека пензионерите се најранливата категорија во општеството, кои својот работен век го поминале чесно градејќи ја земјата, а своите пензии и скромни заштеди ги доверуваат во банките за да имаат барем малку сигурност и мирни денови. Доведувањето на нивните средства во прашање преку вакви банкарски кризи, како што наведуваат, е удар директно врз егзистенцијата, достоинството и здравјето на оваа генерација.
Оттаму бараат итно дејствување од надлежните институции. Од Народната банка на Македонија и надлежните регулаторни органи бараат итно да преземат мерки за целосна заштита и обесштетување на граѓаните, со посебен акцент на штедните и пензионерските сметки. Од Владата и институциите бараат да најдат и преземат итно законско решение за деблокирање на средствата, за пензионерите да не бидат жртви на системски пропусти или деловни неуспеси. Истовремено апелираат и до раководството на банката за максимална транспарентност и итно информирање на депонентите за точната состојба и роковите за враќање на нивните средства.
Партијата на пензионерите најави дека нема да остане нема на оваа неправда и дека доколку средствата на нивните членови и на сите засегнати пензионери не бидат брзо и недвосмислено заштитени, ќе преземат сите законски чекори, протести и иницијативи за заштита на нивните човекови и економски права. „Трудот на еден живот не смее да биде доведен во прашање! Парите на пензионерите мора да бидат вратени веднаш!“, се вели на крајот од соопштението.
Сите експозитури на Алта Банка се затворени за работа со клиенти, а Народната банка воведе лимит од 10.000 денари неделно за подигнување средства, додека гувернерот Трајко Славески најави посебно решение за околу 3.500 пензионери кои немаат платежни картички.