
Микробиологот Никола Пановски реагираше на социјалните мрежи поради бирократски пропуст поврзан со водоснабдувањето во Гостивар. Според неговиот Фејсбук-статус, проект вреден седум милиони евра, финансиран со швајцарски грант, бил закочен поради неплатена фактура од 16.500 денари.
„Секој ден си велам ова е дното, не може полошо, ама оптмистот ми вели може. И во право е. Ова нема врска со власта, ама има со сите власти, ниту има врска со мојата струка. Денес на вести: ЈП Комуналец Гостивар изјавува -швајцарскиот грант од седум милиони евра е блокиран затоа што ЈП Патишта (централна власт) не ни издало се уште, а минаа 2 години, одобрение за поставување на цевка во должина од 600 метри. ЈП Патишта одговара: Во фебруари 2024 поднесено е барањето, точно е, изготвен е одговор, но истиот не е доставен до ЈП Комуналец, бидејќи тие веќе две години не ја платиле фактурата за оваа услуга во износ од 16.500 денари. Крај.
Во овој период се сменила и централната и локалната власт.
Заклучувам: За 250 евра, закочен е проектот од 7 милиони евра,а епидемијата ќе беше избегната, Гостивар ќе имаше чиста вода под притисок. За 250 бирократски евра, страда цел град, илјадници судбини, а трошоците се многу поголеми од 7 милиони евра.
Неверојатно, но вистинито“, напиша тој.
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ги отфрли тврдењата на ЈП „Комуналец“ – Гостивар дека две години чека согласност за поставување на водоводна инфраструктура, наведувајќи дека причината за неиздавањето на одобрението е неисполнување на законските процедури од страна на Општина Гостивар.
Од ЈПДП информираат дека во февруари 2024 година Општина Гостивар поднела барање за водоводна мрежа, по што на 26 април истата година била изготвена пресметка за уплата во износ од 16.588 денари. Според претпријатието, оваа сума никогаш не била уплатена, поради што не можело да биде издадено одобрението.
Реакцијата на ЈПДП следува откако претходно ЈП „Комуналец“ – Гостивар соопшти дека околу 600 метри од водоводната траса не можат да бидат завршени бидејќи веќе две години чекаат согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. Другите 98 отсто од прокетот за осовременување на водоводната мрежа биле завршени. Очигледно тука има работа за институциите за прогонот, имајќи во предвид дека Гостивар како општина нераководена од ДУИ често трпеше институционални притисоци.