
Зелената транзиција подразбира долгорочни инфраструктурни инвестиции во цели економски сектори, додека дигиталните реформи почесто може да се поделат на пократки и полесно проверливи чекори. Тоа не значи дека дигиталната транзиција е полесна или евтина, туку дека нејзиниот напредок може да биде побрзо видлив, рече Кире Миловски, од институтот за демократија „Социетас Цивилис- Скопје“ на презентација на публикацијата „Двојна транзиција: Двојна по име , асиметрична мерка, Зелените и дигитални реформи во Северна Македонија“.
Тој рече ако не се гледаат овие разлики може да се донесе погрешен заклучок дека едната напредува побрзо од другата.
Според него при анализата за напредокот за зелената транзиција навистина треба да се види дали се намалило загадувањето и дали е зголемена енергетската ефикасност.
-Кај дигиталната транзиција напредокот се оценува со донесување на некои закони и воведување одредени системи и електронски услуги. Тоа што одредена услуга е достапна електронски не значи дека граѓаните ја користат или дека институциите разменуваат податоци, рече Миловски.
Тој објасни дека ЕУ се почесто зборува за двојна транзиција, зелената и дигиталната транзиција и дека идејата е овие два процеси треба да се развиваат паралелно и да се надополнуваат.
-Иако и двете се претставуваат како еден заеднички процес има разлика во начинот на кој се спроведуваат и трошоците кои ги создаваат и како се оценува нивниот напредок, рече тој.
Миловски објасни дека со зелената транзиција економијата треба да стане поодржлива и постабилна со намалување на гасовите што ја загадуваат животната средина и поголемо користење на обновливи видови енергија. Според него во суштина станува збор за поврзаност на двата процеси.
-Ако сакаме да произведеме струја повеќе од сонце и ветар, не е доволно само да ставиме панели и ветерници. Потребна ни е модерна електро-енергетска мрежа која со самите дигитални технологии ќе може да го следи производството да ја предвидува потрошувачката и подобро да управува со електричнната енергија, рече Миловски.
Тој појасни дека дигиталната транзиција може да ја забрза зелената транзиција, но дека има и обратна насока.
-Развојот на дигиталната инфраструктура и центрите за податоци бараат дополнителна енергија и ресурси. Зелената транзиција бара големи инвестиции веднаш а придобивките се очекуваат на подолг рок. На пример, затворањето на термоелектрани на јаглен, модернизација на енергетската мрежа, создаваат непосредни трошоци за одредени компании, работници и заедници. Придобивките од дигитализацијата се побрзо видливи, рече Миловски.
Катерина Јакимовска, од Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел, на панел дискусијата рече дека дигиталната иднина бара многу енергија.
-Според меѓународната агенција за енергетика потрошувачката на струја во центрите за податоци во светот ќе се удвои до 2030 година. Последиците веќе се гледаат и во Европа . Во Ирска центрите за податоци трошат речиси четвртина од вкупната струја, а во Холандија беше воведен мораториум за големите центри за податоци. Во САД расправата се префрли во сметките за струја на домаќинствата, рече Јакимовска.
Таа појасни дека од една страна ЕУ се стреми да ги намали емисиите и да ги затвори изворите што загадуваат, но од друга страна и е потребна конкурентност во вештачката интелигенција и потребна е огромна и стабилна енергија.
-Белгија лани го укина законот за постепено затворање на нуклеарните централи, и запре со демонтажа на нуклеарните централи. Италија неодамна донесе закон со кој се отвора патот за нуклеарната енергија . Европската комисија во март ја донесе стратегија за модуларни реактори, а претседателката на ЕК тогаш рече дека повлекувањето на ЕУ од нуклеарната енергија е стратешка грешка. Истото го прават и технолошките компании, кои купуваат нуклеарна енергија, рече Јакимовска.
Е.Б.