„Охридско лето“ ја продолжува концертната програма и по завршувањето на летната фестивалска сезона. Националната установа најави три бесплатни концерти со меѓународни уметници – два во Скопје и еден во Охрид.
Првиот концерт ќе се одржи на 17 ноември во 20 часот во Камерната сала на Македонската филхармонија. Ќе настапат полскиот виолинист Мариуш Патира и пијанистот Радослав Курек. Патира е првиот полски виолинист што ја освоил главната награда на Меѓународниот виолински натпревар „Николо Паганини“, додека Курек е добитник на награди на натпревари во Даблин и Австрија.
Вториот концерт е закажан за 4 декември во 19 часот во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. Пред публиката ќе настапат корејско-американската сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен. Ли е позната по улогата на Чо-Чо-Сан во операта „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја изведувала речиси 200 пати.
Концертната година ќе заврши на 7 декември со предновогодишен концерт во Охрид. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова, која соработувала со тенорот Хозе Карерас, и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата, кој соработувал со Андреа Бочели.
Директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, посочи дека концертите надвор од фестивалската сезона почнале минатата година, а поради интересот на публиката установата сака да ги претвори во традиција. Влезот на сите три концерти ќе биде бесплатен.The post „Охридско лето“ со три бесплатни концерти надвор од фестивалската сезона appeared first on Politika.