
Иако пред почетокот на 48. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, повторно се предлагаше Охридскиот регион, да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност, денеска од јужнокорејскиот град Бусан стигна одлука дека се одложува впишувањето на Листата. На државата и е даден дополнителен рок од пет години за да ги спроведе препораките поврзани со заштитата на природното и културното наследство.
Со одлуката се дава можност државава да ги реализира мерките што УНЕСКО со години ги посочува како неопходни за зачувување на Статусот на Охридскиот Регион како светско културно и природно наследство.
Препораките на УНЕСКО за Охридскиот регион (природно и културно наследство) се однесуваат на мерки за зачувување на неговата „исклучителна универзална вредност“, меѓу кои запирање на неконтролираната урбанизација и нелегалната градба, подобро урбанистичко планирање, заштита на природните вредности на Охридското Езеро, подобро управување со регионот, заштита на културното наследство, ограничување на притисокот од туризмот, изготвување целосна Стратегија за управување со регионот со јасни цели, рокови, одговорни институции и механизми за следење на резултатите.
Државниот завод за ревизија (ДЗР), според објавеното на крајот на јануари годинава, во контролата на работењето на Општина Охрид за 2024 година, открил во дел од населените места се изведени градби и градежни активности на објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс за кои не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште и не биле издадени одобренија за градење. Во 2024 градоначалник на Охрид, градот заштитен со УНЕСКО, беше Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој во ноември 2025 го почна и вториот мандат. Во нивниот извештај се велеше дека не е донесен урбанистички план за крајбрежјето (појасот со ширина од 50 метри, сметано од границата на КП 1/1 „Охридско Езеро“), а за Годишната програма за поставување на урбана опрема за 2024 година, не е обезбедено позитивно мислење/согласност од Управата за заштита на културното наследство.
Лани кога Комитетот за светско наследство на УНЕСКО им додели уште една година грејс-период на Македонија и Албанија, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходната власт е виновна што не се исполнети обврските кон УНЕСКО.
„Не само што не ги започна, туку и луѓе блиски до политичките партии од претходната Влада, продолжија да ги злоупотребуваат познанствата со поединци блиски во претходната Влада. Па така, некои од одобренија за реконструкции правата нови згради — да речеме, во центарот на Охрид. Понатаму, тој извештај за кој што станува збор се однесува на периодот од 2017 до март месец 2024 година, и препораката беше за тој период“, рече тогаш Мицкоски.
Охридскиот регион е прогласен за светско наследство во 1979 година, а во 2019 статусот беше проширен и на албанскиот дел од езерото поради природните вредности на Охридското Езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, и поради богатото културно наследство на градот Охрид, кој е една од најстарите населби во Европа. Мачу Пикчу во Перу, Пирамидите во Гиза во Египет, Нијагарските водопади во Канада, Плитвички Езера во Хрватска… – УНЕСКО ги прогласува светските природни и културни наследства за да ги заштити и зачува местата уникатни по својата природна убавина, историско значење или културна важност.