Пет години за исполнување на препораките и обврските. Охридскиот Регион е реткост, само 41 локалитет во светот се впишани како светско природно и културно наследство. Дали ќе остане на таа листа повторно ќе се оценува во 2031 година…

Од запирање на неконтролираната урбанизација и заштита на крајбрежјето, преку подобрување на колекторскиот систем и намалување на загадувањето, до заштита на културното наследство, воспоставување одржлив туризам и подобро управување.

Ова се дел од препораките што Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ги поставува пред двете земји во следните пет години за Охридскиот Регион да го задржи статусот на светско природно и културно наследство.

Дел од тамошните инволвирани во Советот на општината велат дека Охрид повторно се спаси од црната листа на УНЕСКО со пролонгирање на рокот за исполнување на препораките. Според советничката од Левица, Виолета Аврамоска, оваа одлука на Комитетот за светско наследство воопшто не е за радување, а уште помалку за фалење и издигнување на ниво на некаков дипломатски успех.

-ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Кирил Пецаков веќе пет години раководат со Охрид, од кои две години имаат апсолутна власт во Македонија. Тоа е сосема доволен период, доколку има воља да се исполнат барем дел од препораките. Охрид има 4847 дивоградби, меѓу кои хотели и згради. Градежната инспекција издала 456 решенија за рушење, но Општина Охрид не спровела ниту едно, вели Аврамоска за „Локално“.

Виолета Аврамоска/Фото: Фејсбук

Запрашана дали најголемиот проблем за Охрид и регионот претставуваат дивоградбите и како очекува справување, советничката потврдува дека илегалните објекти претставуваат голем проблем во Охрид, ако се земе во предвид дека голем број дивоградби се изградени во заштитени подрачја како НП „Галичица“, „Студенчишко блато“, како и на самиот езерски брег и голем број од нив се хотели и згради.

-Но, исто така голем проблем претставуваат и легалните градби, со нарачани дупови, односно целосниот градежен хаос во градот. Поради неконтролираното градење и трката по профити и лични интереси на поединци, граѓаните се доведени во ситуација да им се затвораат прозорци, балкони, дури и влезови во веќе постоечки објекти. Неодамна реагираа 50 семејства на кои со изградба на нова зграда им е оневозможен влезот во нивните домови, посочува Аврамоска.

Според советничката, секоја сезона на повидок излегуваат проблемите со охридските плажи кои буквално се заробени од концесионерите.

-Просторот со лежалки постојано се зголемува, на плажите се градат објекти од цврста градба, спротивно на препораките на УНЕСКО, но за жал Општина Охрид и градоначалникот веќе пет години воопшто не реагираат. Можноста која ни ја даде УНЕСКО, власта треба да ја сфати како голема одговорност. Дали ќе ја искористиме најмногу зависи од институциите, потенцира соговорничката.

„По робусна, интензивна дипломатска активност, добивме одложување Охрид да биде ставен на листата загрозено светско културно наследство. По три години, во 2029-та, ќе имаме мониторинг мисија, да се оцени што ќе испорачаме, а во 2031 година ќе биде конечниот извештај. Тоа е голем успех за сите добронамерници и за сите граѓани, со исклучок на опозицијата, која тажи зошто тоа се случило“. Вака завчера премиерот Христијан Мицкоски, на новинарско прашање ги коментираше реакциите на СДСМ по одлуката на УНЕСКО, Охрид да го задржи статусот на светско културно наследство.

Како што рече, кај опозицијата гледаме како тажат зошто тоа се случило па има и такви соопштенија.

„Просто човек да не верува кога ги чита тие соопштенија. Тие тажат и зошто досега не банкротиравме, трета година по ред велат ќе банкротираме. Тие тажат петпоставувам зошто се уште нема мигранти, за кои што велеа дека ќе има мигранти. Претпоставувам тажат затоа што на први септември сите ученици ќе имаат учебници. Ќе тажат претпоствувам и кога Скопје ќе ги добие автобусите и алатките за хигиена“, посочи Мицкоски.

Во 2024, Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, а од 456 решенија за уривање ниедно не е спроведено. Во 2024 градоначалник на Охрид беше Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, кој во ноември 2025 го почна и вториот мандат.

На новинарско прашање дали ќе се рушат дивоградбите во Охрид, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски одговори дека и тука има конкретни предмети кои што треба еден по еден да се решаваат и дека тоа се прашања каде надлежноста е поделена помеѓу централната власт и локалната власт.

„Ако мене ме прашувате како министер и како член на Владата, а верувам дека тоа е ставот на сите членови на Владата, кога е во прашање дивоградба било каде, не само во Охрид, таа треба да биде отстранета. И тоа треба да биде направен на соодветен и на законски начин“, кажа шефот на македонската дипломатија.

Н.П.