Премиерот Христијан Мицкоски упати остри критики кон опозициските партии по нивните реакции на одлуката Охрид да го задржи статусот на светско културно наследство на УНЕСКО. Според него, наместо да го поздрави позитивниот исход, опозицијата продолжува да создава невистини и да шири паника во јавноста.
Мицкоски оцени дека ваквата одлука е резултат на интензивна дипломатска активност и претставува успех за државата и за граѓаните. Тој појасни дека во 2029 година е предвидена мониторинг-мисија која ќе го оценува спроведувањето на преземените обврски, додека конечниот извештај се очекува во 2031 година.

Премиерот рече дека опозицијата, наместо да се радува на добрите вести, остава впечаток дека е разочарана секогаш кога нема да се остварат нејзините негативни прогнози.
„Тие веројатно жалат и затоа што државата не банкротираше, затоа што сè уште нема мигранти и затоа што на 1 септември ќе има учебници за сите ученици“, изјави Мицкоски.
Тој ги спомна и најавените нови автобуси за Скопје, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи да се концентрира на конкретни проекти и резултати, без оглед на политичките напади.
Според Мицкоски, од некогашните државотворни партии во опозицискиот блок денес останало „тажно и несреќно друштво“ кое своето дејствување го сведува на конструирање лаги, ширење хистерија и создавање чувство на постојана криза.
„Нивно е да очајуваат и да конструираат невистини, а наше е да работиме. На крајот, граѓаните гледаат кој работи и кој испорачува“, порача премиерот.
Изјавата ја даде при увидот во градежните активности на клучката кај Момин Поток.
The post ОХРИД ОСТАНА НА ЛИСТАТА, ОПОЗИЦИЈАТА ОСТАНА БЕЗ ПРИКАЗНА: Мицкоски удри по „тажното друштво“ appeared first on Politika.