Лекарската комора денеска одбележа 34 години од формирањето, а на свеченоста беше отворено и историско катче на медицината, лоцирано во просториите на Комората.

Просторот е замислен како чувар на меморијата за развојот на македонското здравство. Преку документи, фотографии и предмети се сведочи за патот, предизвиците и успесите на медицинската професија во Македонија.

 

Раководството на Комората ја потенцираше клучната улога на институцијата во заштитата на професионалноста, дигнитетот и правата на лекарите, како и во постојаното унапредување на здравствениот систем.

– Овој јубилеј не е само потсетник на денот кога ги поставивме темелите на Комората, туку и на одговорноста што ја носиме кон сите генерации лекари пред нас и оние што доаѓаат. Историското катче на медицината е израз на нашата почит кон сите колеги кои го вложиле својот живот во македонското здравство и оставиле траен белег на нашата професија – истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Комората.

Беше истакнато дека Комората и во иднина ќе продолжи активно да работи на подобрување на статусот на докторите по медицина, континуираната медицинска едукација и градењето на одржлив здравствен систем.

 

Изложените предмети во историското катче се донација од семејството на д-р Ѓорѓи Дудев (1905 – 1957) кој бил меѓу првите дипломирани лекари од прилепскиот регион. Д-р Дудев активно учествувал во воспоставување на здравствениот систем во Македонија по Втората светска војна.

Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонско лекарско друштво.

The post ОТВОРЕНО ИСТОРИСКО КАТЧЕ НА МЕДИЦИНАТА ВО ЛЕКАРСКАТА КОМОРА Институцијата одбележа 34 години постоење appeared first on plusinfo.mk.