
Билбордот со порака „Добредојдовте во Скопје“, кој во петокот вечерта беше поставен од страна на градската управа, денеска е отстранет по бројните критики што се појавија на социјалните мрежи.
Граѓани реагираа дека визуелното решение содржи низа неточности и нереални прикази на препознатливи симболи на главниот град, обвинувајќи дека при изработката била користена вештачка интелигенција без соодветна проверка на финалниот изглед.
Меѓу најчесто посочуваните забелешки беа изменетиот приказ на споменикот на Александар Македонски, каде што коњот Букефал е прикажан со пет нозе, како и нереалниот изглед на Камениот мост со поголем број лакови од вистинскиот. Граѓаните укажаа и дека Скопското Кале е заменето со непозната тврдина, а наместо автентични архитектонски објекти се појавуваат изобличени или измислени форми.
Според информациите што ги споделија граѓани на социјалните мрежи, билбордот денеска веќе бил тргнат од локацијата. Од Град Скопје засега нема официјално соопштение за причините за отстранувањето, ниту информации кој го изработил паното, по чија нарачка и врз основа на каков договор било поставено.