Американското обвинителство за првпат ги објави деталите за мотивот што, според истрагата, стои зад убиството на конзервативниот политички активист и сојузник на американскиот претседател Доналд Трамп, Чарли Кирк.

Според судските документи, 23-годишниот Тејлор Робинсон го избрал Кирк како цел поради неговите политички и верски ставови, особено неговото противење на истополовите бракови и правата на трансродовите лица.

Кирк беше убиен на 10 септември 2025 година за време на настан на универзитет во американската сојузна држава Јута. Обвинителството смета дека станува збор за политички мотивиран напад.

Судењето против Робинсон започна на почетокот на месецот пред суд во градот Прово, каде обвинителите ги презентираа првите докази. За време на рочиштето, вдовицата на Кирк за првпат се соочи со обвинетиот по убиството.

Меѓу најважните докази што ги презентира обвинителството е писмо од Дејвид Енгелхарт, член на Управниот одбор на организацијата „Turning Point USA“, во кое се опишуваат ставовите и мисијата на Кирк за промовирање на конзервативните вредности.

Во писмото се наведува дека Кирк сметал оти „експериментирањето со сексуалниот и родовиот идентитет е грев“ и дека „хетеросексуалноста во рамки на бракот е единствениот морално исправен облик на сексуалност“.

Според обвинителството, Кирк не бил само верски, туку и политички симбол кој се спротивставувал на истополовите бракови, трансродовоста и хомосексуалноста. Обвинителите тврдат дека животниот стил на Робинсон бил во директна спротивност со тие ставови, поради што решил да го убие.

Во судскиот поднесок се наведува дека посредните докази за мотивот се „исклучително силни“. Меѓу нив е и пораката што Робинсон наводно му ја испратил на својот цимер по пукањето, во која напишал дека „му било доста од омразата на Кирк“ и дека „некои облици на омраза не можат да се решат со преговори“.

Како доказ обвинителството ги наведе и натписите изгравирани на куршумите пронајдени во оружјето за кое се сомнева дека било употребено во убиството. На еден од нив, според обвинителството, пишувало: „Еј, фашисту, повели“.

Во судските документи се наведува и дека Робинсон во времето на убиството бил во љубовна врска со својот цимер Ленс Твигс, кој размислувал за промена на полот.

Твигс им изјавил на истражителите дека нивната врска започнала во 2023 година, но дека за Кирк никогаш не разговарале сè до моментот по пукањето.

Одбраната ги оспорува наводите на обвинителството. Адвокатот на Робинсон, Ричард Новак, тврди дека писмото не докажува дека неговиот клиент се спротивставувал на политичките или верските ставови на Кирк, ниту дека открива што размислувал во моментот на нападот.

Одбраната има рок до 18 август да побара отфрлање на обвинението поради, како што наведува, недостиг на докази. Судот за тоа ќе расправа на 1 септември, додека Робинсон останува во притвор и сè уште не се изјаснил за вината.

The post ОТКРИЕН МОТИВОТ ЗА УБИСТВОТО НА ЧАРЛИ КИРК Обвинителството изнесе шокантни детали appeared first on plusinfo.mk.