Откажан е концертот на познатата британска пејачка Џос Стоун што требаше да се одржи вечерва во Скопје на стадионот на АРМ, соопшти организаторот „Авалон продукција“ на својот официјален профил на Фејсбук.

Силното невреме што го зафати Скопје попладнево го оштети просторот на стадионот АРМ и комплетната продукциска опрема предвидена за вечерашниот концерт на светската музичка ѕвезда Џос Стоун, поради што настанот е официјално откажан.

„Драги наши,
Како што може да претпоставите, невремето предизвика оштетување на комплетната продукциска опрема, како и на просторот предвиден за одржување на вечерашниот концерт на Joss Stone.
По извршената проценка на состојбата, беше констатирано дека не постојат никакви услови салата и продукциската опрема да се доведат во состојба што би овозможила дури и минимални услови за безбедна реализација на концертот.
Дополнително, добивме информации дека постои можност помеѓу 21:00 и 22:30 часот повторно да има невреме и поради тоа, од безбедносни причини, не постојат никакви услови концертот да се одржи.
Сите информации околу повратот на средствата ќе ги добиете во текот на утрешниот ден“, објави Авалон на својот фејсбук-профил.