
Осум лица се убиени во вооружени напади во три села во западноцентралниот дел на Турција, а едно лице е тешко повредено. Турските безбедносни сили спроведуваат голема потрага по осомничениот за нападите, соопштија локалните власти, пренесува АФП.
Нападите се случиле во руралното подрачје на округот Ихсание, во провинцијата Афјонкарахисар.
Според информациите објавени од турската државна агенција Анадолија, три лица биле пронајдени убиени во близина на селото Ајазини, а уште три во близина на селото Ќијир. Во селото Јукаритандир биле пронајдени две повредени жени, кои и покрај лекарската помош им подлегнале на повредите.
Канцеларијата на гувернерот на Афјонкарахисар потврди дека во вооружените напади загинале осум лица, а едно е тешко повредено.
Меѓу загинатите има и две учителки кои работеле во основното училиште во Јукаритандир.
Осомничениот бил идентификуван, а потрагата по него продолжува. Турските медиуми објавија и снимки од безбедносните камери на кои се гледа маж со огнено оружје покрај црвено возило.
Надлежните институции започнале истрага за да ги утврдат сите околности и мотивите за нападите.