Судија на претходна постапка од Основниот суд во Штип го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за одредување мерка притвор од осум дена за двајцата вработени во Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Обвинителството и МВР попладнево информираа дека во случајот со бришење и манипулации во електронскиот индекс се опфатени 44-годишниот Р.Т – раководител на е-индекс и 44-годишната М.М.Н – советничка на студентската архива од Универзитетот „Гоце Делчев“.

Како што соопштија од Обвинителството, тие се сомничат дека како соизвршители сториле две кривични дела – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Компјутерска измама“. Со искористување на својата службена положба, пријавените за себе прибавиле поголема материјална корист.

Во соопштението се појаснува дека незаконските дејствија се одвивале во период од пет години, односно од 2021 до 2026 година. Второосомничената, која била вработена како референт за студентски прашања на еден од факултетите, по добиени директни насоки од првиот осомничен – раководител на Секторот за „Е-индекс“, внесувала невистинити податоци во информатичкиот систем на Универзитетот.

Преку незаконити дејствија на менување, бришење или прикривање на податоците во базата за електронски индекс, двајцата осомничени предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците. За сметка на овие манипулации, тие се стекнале со значителна финансиска корист која во моментов се проценува на околу 21.000 евра.