
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи синоќа во дебатна емисија бил запрашан за можноста копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити да се врати во ДУИ. Во својот одговор, Османи не даде директен став за враќањето на Меџити, но ги повика сите оние кои, според него, се спротивставуваат на актуелните политички случувања и она што го опиша како „бран на албанско понижување“, да се приклучат во заеднички фронт.
Тој нагласил дека овој фронт започнал во Брвеница и ќе продолжи да се спротивставува на политиките кои, според него, ја поткопуваат позицијата на Албанците.
„Реков, сите оние кои ја виделе оваа катастрофа со свои очи и уши и излегле оттаму, нека слушаат внимателно бидејќи го имаат тоа од срце. И имаат што да кажат. Во овој поглед, секој што мисли дека треба да го запреме бранот на албанско понижување, бранот на нормализирање на статусот на маргиналното малцинство, треба да стане дел од овој голем фронт, кој започна вчера во Брвеница за да каже не и ќе продолжи да кажува не“, изјави Османи во емисијата „Дебата на Шења“.
„Политичкото позиционирање против сите не води кон успех, туку кон разочарување“, порача Меџити по изборите во Брвеница. Неговата порака следува по објавата на Христијан Мицкоски, кој изборниот настап во општината го опиша со зборовите „сами против сите“. Меџити, без директно да го именува Мицкоски, предупреди дека конфронтацијата со сите не е успешна политичка стратегија.