Оркански ветер со максимален удар од 130 километри на час бил регистриран вчера, 21 јули, на автоматската метеоролошка станица во Ново Село, струмичко, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Според податоците на УХМР, ударот на ветерот во Ново Село бил измерен во 17:50 часот и доаѓал од северозападен правец. Со оваа брзина, Ново Село се нашло меѓу трите места во државата со најсилен ветер, веднаш зад Штип, каде биле измерени 134 километри на час, и Скопје, со исто 130 километри на час.

На автоматската метеоролошка станица во Струмица, пак, бил регистриран максимален удар на ветерот од 70 километри на час, што според класификацијата претставува олуен ветер.

УХМР наведува дека во текот на вчерашниот ден на повеќе места во земјава биле измерени исклучително високи вредности, блиски до историските рекорди. Од вкупно 47 мерни места, на едно бил регистриран оркан, на три орканска олуја, на шест силна олуја, а на 12 мерни места олуја.

Орканскиот ветер е исклучително силна атмосферска појава која може да предизвика значителни штети. Вчерашното невреме во Струмичкиот регион беше проследено со силен ветер и дожд, при што беа причинети штети на повеќе локации.

The post Оркански ветер со брзина од 130 километри на час регистриран во Ново Село appeared first on Radio StrumicaNet.