
По реакцијата за првичниот билборд на влезот на Скопје, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски синоќа информирал дека билбордот го изработило јавното претпријатеие „Улици и патишта“ и чини 48.000 денари. Во интервју за МРТ, градоначалникот на Скопје, пропустот со билбордот го нарече „техничка грешка“.
„Ете, граѓаните се пошегуваа, дел мемиња видовме, јас честопати си го разубавувам денот со тоа, но не сметам дека е големо прекршување за кое некој треба да сноси одговорност. Еве, ако кон некој треба да се впери прстот, иако јас не сум бил директно во процесот, јас ќе речам јас сум виновен за тоа“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.
Скандалозниот билборд на влезот на Скопје беше направен со ВИ со коњот Букефал со пет нозе, лимен човек што личи на Александар Македонски и непостоечка црква. По реакцијата на јавноста, беше сменет со нов и поадекватен за главниот град.
Советниците во Советот на Град Скопје обвинија за аматеризам и фушерај. Дел од нив сметаат дека самата идеја да се постави билборд за добредојде со кој ќе се промовираат вистинските убавини на Скопје е добра, но реализацијата е крајно аматерска.