Отворена тиранија пристигна во Унгарија поради постапките на премиерот Петер Маѓар и партијата „Тиса“, соопшти опозициската партија „Фидес“, коментирајќи го фактот дека претседателот Тамаш Шујок го потпишал амандманот на уставот со кој се прекинува неговиот мандат.

„Маѓар и партијата ‘Тиса’ извршија насилен напад врз претседателот на начин невиден во Европската Унија, го ставија во недостојна положба, вршеа притисок и на крајот самоволно го отстранија од должноста. Ова е без преседан во Унгарија уште од најмрачните диктатури“, порачаа од партијата „Фидес“.

Шујок стана жртва на политичкото насилство на „Тиса“, соопшти партијата на поранешниот премиер Виктор Орбан, додавајќи дека Маѓар ја турнал земјата во уставна криза. „Ако ова може да му се направи на претседателот денес, тогаш утре во Унгарија сè може да му се направи секому.“

Пратеничката група на „Фидес“ во парламентот ќе ги искористи сите достапни средства за да се спротивстави на автократијата и ќе ги поддржи сите форми на мирољубив и законски отпор, се додава во соопштението. Орбан на социјалната мрежа Фејсбук (Facebook) напиша: „Денес е отстранета и последната пречка. Тиранијата повеќе не е закана, туку реалност“.

„Ако ова може да му се направи на претседателот на републиката, тогаш веќе никој не е безбеден“, предупреди Орбан. „Боже, чувај ја Унгарија“, додаде тој.