Поранешниот премиер на Унгарија и претседател на партијата Фидес, Виктор Орбан, утрово се врати во Будимпешта од Соединетите Американски Држави, каде што присуствуваше на Светското првенство во фудбал. Со тоа им стави крај на шпекулациите на дел од јавноста, кој се сомневаше дека тој ќе се врати во Унгарија.

„Денешната програма е состанок на претседателството и пратеничката група на Фидес. Утре во 10:30 часот ќе одржам конференција за медиумите заедно со новиот лидер на фракцијата“, објави Виктор Орбан на Фејсбук.

Читалaч на весникот „Транспарентно“ (Átlátszó) утрово го забележал поранешниот премиер на аеродромот во Франкфурт. Унгарскиот портал „Телекс“ по таа вест го праша директорот за комуникации на партијата Фидес, Берталан Хаваши: Кога Виктор Орбан ќе се врати дома?

Унгарскиот портал исто така се интересираше за времето и местото на состанокот на претседателството на Фидес, на кој треба да се избере нов шеф на пратеничката група, бидејќи Гергеј Гујаш минатата недела даде оставка од таа функција. Хаваши за „Телекс“ го одговори следново:

„Лидерот на партијата Виктор Орбан е во Будимпешта, работи. Навремено ќе обезбедиме информации за одлуките на претседателството и фракцијата. Мислам дека внатрепартиските работи на Фидес не се од голем јавен интерес, и тоа е правилно“, одговори кратко директорот за комуникации на Фидес.

„Телекс“ потсетува дека Фидес мора да избере нов лидер на пратеничката група во парламентот по минатонеделната оставка на Гујаш, која се случи додека Орбан беше на Мундијалот во Америка.

Унгарскиот портал напоменува дека и Петер Сијарто поднесе оставка од својот пратенички мандат и ја напушти политиката. Дури и самиот Хаваши минатата недела изјави дека „состојбата во партијата Фидес во моментов не е добра, дури во одредени моменти може да се нарече и хаотична“, но додаде дека тоа е очекувано по три месеци од двотретинскиот пораз на парламентарните избори.