
Денеска главната опозициска партија во Унгарија, Фидес, го реизбра поранешниот премиер Виктор Орбан за свој лидер за уште една година, и покрај тоа што партијата ја загуби власта на изборите на 12 април од централнодесничарската партија Тиса.
Националистот Орбан беше инспирација за десничарските конзервативци низ Европа и САД како творец на она што тој го нарече „нелиберален“ модел на демократија. По поразот на Фидес, политичката иднина на Орбан беше доведена во прашање, а тој се соочи со притисок од некои поранешни лојалисти да се повлече од политиката, што е прва таква отворена критика откако дојде на власт во 2010 година.
Околу 729 членови од 737 гласаа за реизбор на Орбан на конгресот на партијата Фидес, објави државната новинска агенција „МТИ“. Немаше противници кои би му се спротивставиле.
„Не се откажувам, никогаш, никогаш, никогаш, не се откажувам“, рекол Орбан на конгресот во говорот пред гласањето, повторувајќи дека ја презема целосната одговорност за изборниот пораз на партијата.
Орбан истакнал дека Фидес е „фантастична владејачка партија“ 16 години, но дека треба да помине низ промени за да стане функционална опозициска партија што би можела повторно да владее.
На априлските избори, партијата Тиса на премиерот Петер Маѓар освои двотретинско парламентарно мнозинство, што беше доволно за да ги поништи уставните измени на Орбан.
Според анкетите на јавното мислење, Фидес ја изгуби поддршката од изборите. Анкетата во мај од страна на Институтот „Публикус“ покажа дека Тиса има 55 проценти поддршка, во споредба со 53 проценти што ги обезбеди на изборите, додека поддршката за Фидес падна на 17 проценти, во споредба со претходните 39 проценти.