Општина Струмица вчера распиша јавен повик за доделување финансиска поддршка на редовните ученици со попреченост кои посетуваат настава во основните и средните училишта на територијата на општината во учебната 2026/2027 година.

Финансиската поддршка изнесува 3.000 денари месечно, во времетраење од девет месеци, односно вкупно 27.000 денари по ученик за една учебна година.

Право на финансиска поддршка имаат редовните ученици со попреченост запишани во општинските основни и средни училишта, како и во државното средно училиште во Струмица, РЦСОО „Никола Карев“.

За остварување на ова право, потребно е ученикот да поседува соодветна документација за видот и степенот на попреченост, односно наод и мислење за функционална процена, наод од стручно тело за проценка на функционирање, попреченост и здравје или потврда дека е во процес на функционална процена, како и мислење од стручната служба на училиштето во кое е запишан.

Дополнителни услови се ученикот да има успешен премин во следната учебна година, а на родителот или старателот кој аплицира во негово име да не му е одземено родителското право, односно старателството.

Барањата со потребната документација се доставуваат лично во архивата на Општина Струмица, на улица „Сандо Масев“ број 1, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, или по пошта во затворен плик со назнака „НЕ ОТВАРАЈ“, адресиран до Комисијата за доделување финансиска поддршка за ученици со попреченост.

Јавниот повик трае 15 дена од денот на неговото објавување на официјалната веб-страница на Општина Струмица, каде што заинтересираните родители и старатели можат да ги најдат потребните документи и дополнителните информации за начинот на аплицирање.

The post Општина Струмица ќе доделува по 3.000 денари месечно финансиска поддршка за учениците со попреченост appeared first on Radio StrumicaNet.