Општина Центар објави јавен повик за доделување еднократна парична помош за физички и правни лица кои претрпеле материјална штета од силното невреме што ја зафати општината на 21 јули годинава.

Според повикот, право на финансиска поддршка имаат сопственици на недвижен имот на територијата на Општина Центар, а помошта ќе се однесува исклучиво на оштетени кровни конструкции и фасади на индивидуални и колективни станбени објекти. Максималниот износ на еднократната парична помош е до 100.000 денари по поднесено барање.

Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека општината реагирала веднаш по невремето и паралелно со расчистувањето започнала подготовка на мерки за финансиска поддршка.

„Уште од првиот ден бевме на терен со сите расположливи служби за да им помогнеме на граѓаните во справувањето со последиците од невремето“, изјави Герасимовски.

Тој нагласи дека со објавувањето на јавниот повик започнува конкретната постапка за доделување на помошта.

„Со објавувањето на јавниот повик започнуваме со конкретна постапка преку која граѓаните ќе можат да аплицираат за еднократна парична помош“, рече градоначалникот.

Според него, целта на мерката е да им се помогне на најпогодените домаќинства полесно да ги надминат последиците од невремето.

„Целта е никој да не остане сам во надминувањето на последиците од оваа природна непогода“, додаде Герасимовски.

Барањата ќе се поднесуваат во Архивата на Општина Центар, секој работен ден од 9 до 15 часот, во рок од два месеци од денот на објавувањето на јавниот повик. Кон барањето потребно е да се приложи документација со која се докажува настанатата штета, како и останатите документи предвидени во повикот кој можете да го погледнете на следниот линк.

Постапката ќе ја спроведе седумчлена комисија составена од претставници на Советот на Општина Центар и општинската администрација, која ќе ги разгледува пристигнатите барања и ќе предлага висина на финансиската помош врз основа на степенот на оштетеност и расположливите буџетски средства.