Креаторот на „ЧатГПТ“ во понеделникот соопшти дека до американската Комисија за хартии од вредност и берзи поднел нацрт-проспект за својата иницијална јавна понуда.

Овој потег доаѓа неколку дена пред „СпејсЕКС “да ја одржи својата иницијална јавна понуда, која би можела да прибере 86 милијарди долари и да го процени конгломератот за ракети и вештачка интелигенција на Маск на 1,78 трилиони долари, и една неделa откако Антропик поднесе сопствена документација.

Иницијалната јавна понуда на ОпенАИ ќе означи тест за апетитот на инвеститорите на јавниот пазар за компанија со невиден раст на приходите, но и со огромни загуби кои би можеле да траат со години.

„Сè уште немаме одлучено за времето; би можело да мине извесен период бидејќи постојат работи што сакаме да ги направиме, а кои веројатно се полесни како приватна компанија“, соопштија од „ОпенАИ“. „Но, тоа е комплициран збир на компромиси и ова ни ја дава можноста порано да излеземе на берза доколку тоа се покаже као најдобар избор.“

Стартапот вложува големи средства во истражување на вештачката интелигенција за да остане пред конкуренцијата, вклучувајќи ги Гугл и Антропик, како и за да ги прошири компјутерските капацитети што се потребни за опслужување на 900 милиони корисници на „ЧатГПТ“, пишува „Сибиз“.

Потегот на компанијата со седиште во Сан Франциско да продолжи со плановите за котација на берзата доаѓа откако калифорнискиот суд минатиот месец ја отфрли тужбата на Маск против ОпенАИ и неговиот директор Сем Алтман, со што беше отстранета клучната пречка за иницијалната јавна понуда (ИПО).

ОпенАИ во изминатите неколку месеци соработуваше со банкари од Голдман Сакс и Морган Стенли, како и со адвокати од Кули, изјавија претходно за „Фајненшл тајмс“ луѓе запознаени со подготовките. Поднесувањето на барањето во понеделникот го насочува „ОпенАИ“ на патот да започне со тргување наесен, велат тие.

ОпенАИ веќе е една од највредните приватни компании во светот, откако во март ја заокружи рекордната рунда на финансирање до 122 милијарди долари. Како дел од тој договор, беа прибрани три милијарди долари од мали инвеститори, на кои ќе им биде дадена поширока можност за вложување во стартапот кога тој ќе стане јавно тргуван.