Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) предупреди дека криминалните групи од Југоисточна Азија со помош на новите технологии шират измами, перење пари и трговија со луѓе ширум светот.

Во извештајот се наведува дека транснационалниот криминал, претходно главно концентриран во Југоисточна Азија, се проширил и во други региони, додека глобалните криминални мрежи сè повеќе се вклучуваат во трговијата со дрога, луѓе и диви животни во Азија. Само измамите, според проценките за 2025 година, би можеле да предизвикаат вкупни загуби од 88,3 до 114,1 милијарди долари.

UNODC наведува дека криминалците користат криптовалути, шифрирани комуникациски платформи и генеративна вештачка интелигенција за перење пари и измами врз жртви ширум светот. AI, како што се истакнува, им овозможува изработка на uверливи phishing пораки, deepfake видеа и гласовни повици во реално време, како и истовремено таргетирање на жртви на повеќе јазици.

Посебно е истакната заканата за децата преку онлајн игри, коцкање и содржини со сексуална злоупотреба. Иншик Сим, истражувач на UNODC и координатор на извештајот, рече на брифингот во Банкок:

„Постои огромен пораст на сексуални слики од деца генерирани со помош на AI … кои се споделуваат преку шифрирани комуникациски платформи.“

Извештајот предупредува и на ширењето на мрежата од центри за измами во пограничните делови на Мјанмар, Лаос и Камбоџа. По рациите во Тајланд, Кина и други земји, операторите се прилагодиле со преместување во вили и помали објекти. Аналитичарот на UNODC, Сеонг Џе Шин, рече дека центрите се „уништени, но ниту една операција не е запрена“, додавајќи дека сега е значително потешко да се сузбијат таквите активности во Камбоџа.

Во документот исто така се наведува дека годишната продажба на илегални дроги во Југоисточна Азија и соседните земји достигнува и до 109 милијарди долари, додека запленетите пратки нагло растат. Како важен коридор за кокаин од Латинска Америка кон Азија е издвоен поморскиот „триаголник“ Сулу-Целебес помеѓу Индонезија, Малезија и Филипините.