
Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ информира дека новиот прволигаш Шкендија од Арачиново мора да се трансформира во акционерско друштво, а не како во здружение на граѓани како што е сега, бидејќи така не може да настапи во Првата македонска лига. Како што вели Омерагиќ, тоа е услов кој што лиценцниот систем на УЕФА го бара.
-Доколку тоа не го спроведат до денот на ждрепката за новото првенство, тие нема да имаат лиценца за настап во Прва лига бидејќи УЕФА не дозволува. Истото правило важи и за ФК Скопје. Денеска треба да дојдат во ФФМ во 12 часот. Тоа што мора да го направат, мора да го направат, ние ќе им помогнеме доколку им е потребно, рече Омерагиќ на денешната прес-конференција.
Претседателот на ФФМ исто така изјави дека тетовска Шкендија добила голема поддршка од македонската куќа на фудбалот за реновирањето на тетовскиот Градски стадион.
-Тетово и тетовчани заслужуваат модерен стадион. Првата транша од 3000 седишта е пристигната, ФФМ треба да ги доплати другите 7000. На последниот состанок каде што не поканија на вечера, еден господин од Еколог кажа дека не им треба ниту другата транша од 700 илјади евра и дека не им е потребна финансиска помош. Тоа е нивен став и ние ќе го пренасочиме средствата на друго место.