
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип поведе постапка против две лица, вработени на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, поради сомневања за сериозни злоупотреби со електронскиот систем на универзитетот, со кои противправно присвоиле 21.000 евра.
Како што соопштија од Обвинителството, тие се сомничат дека како соизвршители сториле две кривични дела – „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Компјутерска измама“. Со искористување на својата службена положба, пријавените за себе прибавиле поголема материјална корист.
Во соопштението се појаснува дека незаконските дејствија се одвивале во период од пет години, односно од 2021 до 2026 година. Второосомничената, која била вработена како референт за студентски прашања на еден од факултетите, по добиени директни насоки од првиот осомничен – раководител на Секторот за „Е-индекс“, внесувала невистинити податоци во информатичкиот систем на Универзитетот.
Преку незаконити дејствија на менување, бришење или прикривање на податоците во базата за електронски индекс, двајцата осомничени предизвикувале невистинити резултати при електронската обработка и преносот на податоците. За сметка на овие манипулации, тие се стекнале со значителна финансиска корист која во моментов се проценува на околу 21.000 евра.
Поради тежината на делата, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.