
Основното јавно обвинителство (ОЈО ГОКК), преку Одделот за сузбивање на организиран криминал, зеде активно учество во голема меѓународна операција координирана од Европол и Европравда за разбивање транснационална мрежа за инвестициски измами. Според најновите детали објавени од Европол и соопштението на ОЈО ГОКК, криминалците користеле лажни платформи за тргување и измамнички кол-центри лоцирани во Македонија и регионот, преку кои оштетиле жртви за над 4 милиони евра.
Како што појаснуваат од Европол, измамниците користеле навидум легитимни платформи, ветувајќи огромни профити за краток период преку тргување со криптовалути, девизи и акции. Откако жртвите ќе уплателе помала сума, на екраните им биле прикажувани „напумпани“ лажни профити. Потоа, лажните брокери вршеле психолошки притисок врз нив да инвестираат уште поголеми суми. Кога жртвите ќе побарале да го повлечат својот профит, измамниците користеле разни тактики за одолговлекување, по што целосно исчезнувале.
Анализите на европските истражни органи откриле компанија со седиште во Кипар и Израел која нудела „криминал како услуга“ (crime-as-a-service), обезбедувајќи им на разни криминални групи лажни веб-страници. Властите идентификувале дека клиентите на оваа компанија во Македонија, Албанија и Косово всушност раководеле со измамничките кол-центри од кои се вршел притисокот врз жртвите.
Истрагата била иницирана уште во 2022 година, по пријава од германска брачна двојка која не можела да си ги повлече парите од ваква онлајн платформа. По претходните апсења во 2022 и 2025 година, оваа најнова координирана акција во повеќе земји резултираше со претреси на 17 локации (вклучително и кол-центар во Косово) и заплена на повеќе од 100 сервери и други електронски докази.
Во акцијата се уапсени седум осомничени лица за кои се бара екстрадиција во Германија. Досега утврдената штета надминува четири милиони евра, а потенцијалните жртви на инвестициските измами се идентификувани во најмалку 50 држави ширум светот, се додава во официјалните соопштенија.