
Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица, меѓу кои поранешниот директор Стефан Богоев и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание.
Постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.
Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.
Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание.
Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.
Повикувајќи се на информациите што ги поседува, премиерот Христијан Мицкоски рече дека акцијата ќе се проширува.
„Дополнително, неколку институции во периодот што следи ќе имаат слични акции за недоследности од минатото кои се содржани во ревизорски извештаи и претставуваат индиции за злоупотреба на службената положба“, кажа тој, одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски рече дека нема да навлегува во детали и дополнително да го коментира случајот за да не се компромитира евентуалниот процес бидејќи предметот е во рамки на истрага.
„Сè ова е на ниво на истрага. Јас верувам во презумција на невиност. Секој има можност и право да ја докаже својата невиност, така што јас не би коментирал понатаму за материјално да не го нарушам процесот“, нагласи премиерот.
СДСМ Карпош му даде поддршка на Богоев, додека СДСМ, во својата реакција не пишува за негово апсење, туку за отворање на случај против него.
„На денот кога претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта пристигна во Македонија, кој го потврди она што го говори СДСМ и порача дека без внесување на малцинствата во Уставот нема поместување од мртва точка, токму тогаш предмет за Стефан Богоев“, кажаа денеска од „Бихаќка“.