
Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, одреди мерка притвор во траење од 30 дена за четири лица меѓу кои поранешниот директор Стефан Богоев и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект
Судијата го донесе решението постапувајќи по предлог на ОЈО ГОКК за определување мерка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание.
Осомничените вчера попладне се спроведени во судот, по нивно произнесување во присуство на бранител. Судија на претходна постапка го прифатил предлогот на Обвинителството.
-Предлогот за определување мерки притвор против С.Б., Д.Г., А.С. и С.М. се прифаќа и на сите им се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката е определена заради постоење на основите од член 165 став 1 т. 1 и т.2 од ЗКП, а против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, соопштија од Судот.
Обвинителството ги сомничи дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали. Според обвинениенто преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.
Адвокатката на поранешниот директор на Царина, Сања Алексиќ синоќа за телевизија Телма изјави дека на одбраната на рочиштето не им и биле презентирани докази за финансиски криминал, и дека пондуле гаранција за присуство, но дека сепак бил одреден притвор. Таа најави дека денес ќе поднесат жалба.