Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ го одобрија почетокот на преговорите за укинување на роамингот со земјите од Западен Балкан, односно со Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и со Косово, неофицијално е потврдено денеска од Советот на ЕУ.

Се очекува, Советот на ЕУ формално ќе ја усвои одлуката на 4 јуни, по што преговорите можат да започнат со секоја земја од регионот поединечно, објави Радио Слободна Европа.

Кипарското претседателство со ЕУ соопшти дека силно го поддржува европскиот пат на Западен Балкан.

– Проширувањето на зоната без роаминг е јасен знак за нашата посветеност кон регионот. Со нетрпение го очекуваме формалното усвојување на одлуката со која се одобрува отворање на преговори за договори – изјави портпаролот на Кипарското претседателство.

Европските претставници очекуваат преговорите да бидат завршени до крајот на оваа година што овозможува роамингот меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ би можел да се укине уште следната година. Но европските претставници нагласуваат дека сè зависи од подготвеноста на земјите од регионот да напредуваат во овие преговори.

„Роаминг како дома“ претставува една од најуспешните политики на ЕУ насочени кон нејзините граѓани и е во сила од 2017 година. Тоа е регулатива на Европската комисија што овозможува користење на мобилни телефони во други земји-членки по исти цени како и во матичната земја.

Ова значи дека при користење на мобилен телефон во зоната на ЕУ, нема дополнителни трошоци за повици, СМС-пораки и користење на интернет, туку се применуваат домашни тарифи. Истото правило важи и за повиците и пораките што корисниците ги добиваат додека престојуваат во странство.

The post ОДОБРЕН ПОЧЕТОКОТ НА ПРЕГОВОРИТЕ ЗА УКИНУВАЊЕ НА РОАМИНГОТ ЕУ-ЗАПАДЕН БАЛКАН Кога ќе стане практика зависи од подготвеноста на земјите поединечно appeared first on plusinfo.mk.