Судот го одложи денешното рочиште за предметот „Талир 2“ каде обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Рочиштето е одложено поради отсуство на обвинителот Кристијан Смилевски поради итни семејни прични.

Тој предметот го презеде од поранешната обвинителка Ленче Ристовска, на која предметите и беа одзeмени отако новиот Државен јавен обвинител, Ненад Савески донесе одлука сите обвинители да можат да работат само предмети од обвинителството каде работат. По оваа одлука на државниот јавен обвинител Ристовска си даде оставка од обвинителството.

Судот добил уредно известување за отсуството на Смилевски, а како што кажа судијката, се обиделе преку Јавното обвинителство на денешното рочиште да присуствува друг обвинител.

-По направениот увид Обвинителството го извести судот дека нема можност да присуствува друг обвинител, рече судијката Даниела Алексовска-Стојановска.

На рочиштето беше отсутен и бранителот по службена должност, кој го известил судот дека не е во состојба да присуствува на рочиштето.

На поранешниот премиер Груевски, за кој судот бил известен дека не може да се обезбеди негово присуство, му се суди во отсуство.

Судијката констатираше дека не се исполнети условите за оддржување на рочиштето, поради што судењето го презакажа за следната недела.

Во овој предмет, како и во предметот „Талир 1“ замзрнат е имотот на партијата, односно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и друг имот.

Е.Б.