Во одговор на новинарско прашање од настанот во Делчево, тој рече дека денес се слушнал со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој го информирал дека водата во гостиварскиот водовод и натаму ќе се користи само за техничка употреба.

-Останува и натаму водата во Гостивар да се користи како техничка без да има насоки да се користи за пиење и готвење. Таа така ќе остане, затоа што сега веќе во инсталацијата ги нема оние фекални колиформни бактерии како што ги нарекоа, но се појави една нова резидуална бактерија, која што во инсталациите е присутна, поради тоа што тие долго време не биле користени. Сега со прочистување на истите и со хиперхлорирањето се појавува во самите инсталации, изјави Мицкоски.

Тој рече дека очекува и овој предизвик да биде надминат и да се одобри и за пиење и за готвење.